Знаење, одговорност, ставови


Со неформално образование до позитивна промена

Logo

Што треба да поседува еден Ромски лидер?

“Процес на социјално влијание во кое една личност е способна да ги вклучи потребите на другите луѓе  и да ги поддржи во остварување на заедничка цел”

(извор: http://en.wikipedia.org)

Ако тоа е најсоодветната дефиниција за Лидер, која е институцонално прифатена, а емпириски потврдена, понатаму целата анализа на прашањето Има ли Ромски лидер или Што би требало да поседува еден Ромски лидер  ќе се базира на наведената дефиниција .

Поаѓајќи од психолошката потреба на секој човек да се смета себеси за најдобар и да е тој кој ги води останатите, не е за лутење што изминатиов период, а и години, излегуваат самокрунисани лидери без познавање на значењето на епитетот Лидер и лидерство како процес.  Ако ги анализираме од една страна потребите на Ромската популација, од друга страна квалитетите кои треба да ги поседува еден лидер, а од трета исполнувањето на дефиницијата за лидер, ќе го препознаеме Ромскиот лидер со име и презиме..или пак нема..

Лично за мене, харизмата е најбитната компонента од личноста на еден лидер, просто од фактот што се друго се учи, а таа или ја имаш или немаш!  Ние, ромите, неверојатно харизматични луѓе, допадливи и на тие што не сакаат и на некој начин и на тие што не дискриминираат, секако дека ја цениме и воочуваме ако некој ја има таа особина. Најчесто затоа  и “пали” прикажувањето на некој како лидер ако ја има таа особина, најбитна, но не пресудна за лидер.

Оптимизмот, како друга компонента на личноста наречена Лидер, несомнено добро би одело во комбинација со доживотниот песимизам кој го имаме: никогаш не ни оди добро, се некој нешто ни згрешил, не дискриминирал, не погазил, ни ја украл работата затоа што не е Ром и.т.н. Значи, ако некој песимист застане зад целата Ромската популација, уште на почетокот си ја згрешил професијата!

Самоспознавањето и  самопочитувањето, во комбинација со знаењето да се ставиш во кожата на тие што ги преставуваш, тие што ги водиш, е пресудно во ситуација кога водиш етничка заедница која си има свои специфичности и кога и ти самиот како припадник на таа заедница ги имаш  истите. Ако не им дадеш доволна валоризација на твоите специфичности како личност, воопшто нема да можеш да го направиш тоа на специфичностите и различните потреби на цела една заедница. А ромската заедница дефинитивно има потреба од подобро спознавање на самата себе и поголемо почитување на самата себе првин па потоа потреба некој од надвор да ја почитува.

Посветеноста на работата ја дава тежината на улогата, професијата или како и да ја наречете. Ако еден лидер е лидер еднаш во четири години, или пак е од наутро пекар, попладне кондураџија а навечер лидер на цела една заедница, нема успех, ниту во едната од трите професии. Лидерството значи жртвување на труд, време, сретства, ресурси, се во насока на остварување на она погоре наведено “да ги поддржи во остварување на заедничка цел”. Ромската популација нема потреба од сезонски лидер, бидејќи проблемите, потребите и зацртаните цели се долгорочни и константни.

Разбирањето на она што другите го кажуваат, а не концентрирање на она на кој начин го кажуваат, или скратено емпатија е исто така една од дефинитивните умешности кои му требаат на некој лидер ако сака да преставува цела популација, во овој случај ромска. Познато ни  е дека “коса” може да е и коса на глава и “коса”, алатка за косење. Ако тој лидер не знае, не умее да ја свати суштината на зборовите и вистинските пораки од луѓето, тогаш неговата работа би била спротивна на остварување на било какви заеднички зацртани цели.

Јасно поставената цел, е поврзана со претходното, за кое и нема потреба да се говори многу. Еден лидер, своите цели и намери за подобрување или унапредување на некоја заедница треба да ги провери дали се истите со оние на пошироката популација.

Поседувањето на технички и специфични вештини, иако е последно, не е помалку битно. Ако ние ромите сме неписмени, немаме технички познавања, знаеме само да играме и свириме по свадби, тогаш барем лидерот треба да знае да не преставува на ниво на кое другите лидери ги преставуваат своите заедници.

И уште нешто битно за еден лидер, лидер на Ромска заедница, кој стил на лидерство ќе одбере? Дали ќе биде автократски, демократски, стил ориентиран кон народот, дали ќе одбере харизматичен, бирократски стил. Дали ќе направи комбинација од наведените за да одговори на барањата на ромската заедница од него како лидер?

Мене, искрено, сеуште не ми текнува ниту едно име и презиме, затоа би завршила тука, а вие убаво размислете и не дозволувајте да ве ограничат ниту годините, ниту положбата во општеството ако меѓу наведените особини се пронајдовте себе наместо било кој друг!

Фатима Османовска

Архиви

Најнови коментари

    Поддржете не на: